Заврши новогодишната кошничка, од денеска ќе се знае дали цените ќе се вратат на старо

Новогодишната кошничка, што траеше еден месец, а со која беа намалени цените на дел од прехранбените производи, заврши. Од денеска ќе се знае дали цените што беа намалени ќе се вратат на старо.

Надлежните се задоволни од новогодишната кошничка бидејќи, според нив, таа дала ефекти и цените на храната и пијалоците во декември бележат намалување во однос на ноември. Граѓаните со забелешка дека нема некоја голема промена во намалувањето на цените, а од опозицијата, ваквите мерки ги оценија како целосно промашени. 

Од Министерството за економија и труд очекуваат ефектите од новогодишната кошничка да се потврдат и со статистичките податоци за јануари во однос на декември и најавуваат дека ќе се продолжи со мерки и политики со кои ќе се заштити стандардот на граѓаните. 

Новогодишната кошничка беше креирана на иницијатива на бизнис секторот и вклучуваше 1178 производи од 96 производители и дистрибутери. Во акцијата беа вклучени 51 маркети. Креирана како иницијатива на бизнис секторот, за новогодишната кошничка немаше владина одлука, а Државниот пазарен инспекторат можеше да врши само мониторингот на цените во согласност со Законот за заштита на потрошувачи и Законот за трговија, односно да мониторира дали има отстапки во однос на цените на производите кои се во Новогодишната кошница и најниските цени на истите производи кои биле во последните 30 дена.