Заврши меѓународната ликовна колонија „Гостивар 2025“
Со заедничката изложба на учесниците, синоќа беше означен крајот на дваесетто издание на меѓународната ликовна колонија „Гостивар 2025“. Во фоајето на центарот за култура „АСНОМ“ покрај триесетината уметници, публика, имаше и неколку истакнати уметници на кои им беа доделени благодарници.
Организаторите, Здружението на ликовни уметници на Северна Македонија „Драудакум“ годинешната јубилејна колонија ја збогатија со повеќе активности во кои беа вклучени млади уметници и деца од Центарот за деца со посебни потреби „Заедно можеме“. Годинава, освен членови на ЗЛУСМ „Драудакум“ и уметници од Македонија на колонијата имаше и 12 уметници од Косово, Грузија, Хрватска, Австрија, САД, Србија, Албанија и Турција.
- Две децении, оваа колонија не е само важно место за средби на уметници од многу земји, туку и слободен простор за творештво, соработка и интеркултурна инспирација. Таа стана симбол на континуитет, страст кон уметноста и културниот идентитет на нашиот град. Овој јубилеј не е само момент на размислување, туку и ветување за иднината – да го зачуваме и дополнително да го зајакнеме овој скапоцен простор на уметност и култура, рече во обраќањето претседателот на ЗЛУСМ Драудакум, Арјан Руфати.
Годинава, уметниците шест дена (од 19 јуни) твореа во центарот за култура според своите амбиции и сликарски техники на слободна тема. Насликаните дела традиционално остануваат во фондот на организаторот.
Колонијата „Гостивар 2025“ е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Гостивар, Центарот за култура „АСНОМ“ и неколку компании од гостиварско.