Заврши 66-то „Охридско лето“: Фестивалот со рекордна посетеност

Со мјузиклот „Као какао“,инспириран од музиката на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски синоќа на сцената на магичниот  Долни Сарај се спушти завесата на 66-тото издание на реномираниот фестивал „Охридско лето“.

Годинашното издание го одбележаа врвна уметност, голем интерес кај публиката, рекордна посетеност и распродадени билети.

​Програмата понуди 48 фестивалски настани со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји. Од спектакуларното отворање на Античкиот театар со оперските ѕвезди Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново, па сè до завршните фестивалски денови, сцените беа исполнети до последното место. 

Покрај класичната музика, посебен белег оставија џез-програмата, театарските претстави, балетот „Кармен суит“, како и одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на оперската легенда Ана Липша-Тофовиќ. Рекордна посетеност беше забележана и на концертите на Стефан Миленковиќ, Ана и Игор Дурловски и Националниот џез-оркестар.

​Организаторите порачуваат дека фестивалот продолжува со уште повисоки стандарди, со цел „Охридско лето“ да остане главната македонска културна визит-карта во светот. 

Преку шеесет и шестото издание на „Охридско лето“, Охрид уште еднаш потврди дека останува културен центар каде што највисоките уметнички вредности се среќаваат со публиката во единствен амбиент.