Завршен увидот на превртениот полициски хеликоптер, се утврдуваат причините
Foto

Завршен увидот на превртениот полициски хеликоптер, се утврдуваат причините

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска изврши увид на Меѓународниот аеродром Скопје, каде околу 11:30 часот се преврте хеликоптер на Министерството за внатрешни работи.

Во зависност од обезбедените докази ќе бидат утврдени причините за хеликоптерската несреќа, а доколку притоа бидат утврдени пропусти од субјективен карактер, Јавното обвинителство ќе поведе кривична постапка.

При увидот на лице место, информираат од ОЈО, заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи, биле обезбедени трагите од хеликоптерската несреќа.

– По наредба на јавниот обвинител обезбедени се видео записите од камерите на аеродромот, како и аудио снимките од комуникацијата на пилотот со контролата на летот. Извршен е првичен разговор со пилотот и со уште четири лица од екипажот на хеликоптерот, информираат од ОЈО.

На самото место денеска беа и претставници на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, кои ќе изготват извештај за незгодата. Во текот на претходната постапка, надлежниот јавен обвинител ќе издаде барања и наредби за утврдување на сите решавачки факти.

– Увидот на лице место е завршен, а хеликоптерот се уште се наоѓа на местото и во положбата затекната по падот. Локацијата е обезбедена, а во текот на утрешниот ден хеликоптерот ќе биде пренесен од аеродромската писта на друга локација, каде ќе се обезбедува до крајот на постапката, стои во соопштението од ОЈО. 

Во зависност од обезбедените докази како и од наодите во извештајот на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, ќе бидат утврдени причините за хеликоптерската несреќа. Доколку притоа бидат утврдени пропусти од субјективен карактер, Јавното обвинителство ќе поведе кривична постапка.

0 Коментари

Остави коментари