Затворски притвор од 30 дена за поранешните директори на онкологија, Васев и Нухи, одлучи Апелација

Поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија д-р Нино Васев, и организацискиот директор Нехат Нухи ќе одат во ефективен притвор од 30 дена, соопшти Апелациониот суд Скопје.

Судиите ги прифатиле  жалбите на Обвинителството, кое се жалеше на куќниот притвор за двајцата обвинети со образложение дека постои опасност од бегство.

„Апелациониот суд  ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, против Решението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје и истото го преиначи на начин што ја укина мерката куќен притвор определена према обвинетиот Н.В. од С.,  поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, а поради постоење на причините за мерката притвор определени со одредбата од чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривичната постапка определи мерка притвор во траење од 30 дена“ , стои во соопштението.

Тие се обвинети за злоупотреби со скапа терапија и Тешки дела против здравјето на луѓето.