Затворени угостителските објекти - продолжен полицискиот час
Foto

Затворени угостителските објекти - продолжен полицискиот час

Од денеска до 20 април ќе бидат затворени сите угостителски објекти низ државата, како и рестораните и кафитериите во хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување. Оваа одлука ја донесе Владата, со цел превенција и заштита на граѓаните од Ковид-19.

Исклучок од оваа мерка се рестораните во рамки на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, но и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Согласно владината одлука, воведена е и забрана за посетители во сите обложувалници низ државата. Поточно, приемот на посетителите и работата на обложувалниците ќе биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, шалтер, штанд, пулт.

Од вчера пак, затворени се фитнес салите, спортските и салите за вежбање, а забрането е и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.

Полицискиот час вчера почна два часа порано, односно во 20 часот наместо како во изминатите денови во 22 часот, и траеше до 05 часот изутрина. Оваа дополнителна рестриктивна мерка ќе важи до 20 април.

На земјоделците им се овозможува движење врз основа на дозволите од подрачните единици и општинските кризни штабови до пазарите и назад од пазарите, до нивите и слично. Мерка која што беше овозможена пролетта.

За оние граѓани кои извршиле имунизација во центрите за вакцина во непосреден период пред полицискиот час, ќе им се дозволи враќање во своите живеалишта врз основа на потврда за вакцинација.

Што се однесува до граѓаните кои живеат во станбени објекти за колективно домување и кои имаат домашни миленичиња – куче, тие може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 часот до 23:00, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.

Целта на овие мерките, според надлежните, е да се заштити здравјето на граѓаните. Тие сметаат дека овој трет бран на Ковид-19 е најсилен, и треба побрзо да заврши.

0 Коментари

Остави коментари