Застој во повратот на ддв за дел од компаниите има, не се знае кога ќе се “деблокира“
Компаниите ќе се изначекаат за повратот на ДДВ. По потврдата на Премиерот Христија Мицкоски дека повратот на средства по основ на ДДВ доцни, денеска од УЈП соопштија дека посебна Комисија почнала да работи на унапредување на процесот со повратот на ДДВ за фирмите.
Од Управата додаваат дека целта е да се спречат малверзациите со повратот и состојбата со барањата за ДДВ -то.
„Управата за јавни приходи презема вакви чекори со цел спречување на случувањата кои влијаат врз репутацијата и довербата во институцијата, пред сè во однос на тоа како се водел и администрирал процесот на одобрување на побарувањата за поврат на ДДВ. Комисијата врши детална анализа и идентификува барања за поврат на ДДВ со одреден степен на ризик, што подразбира и потреба за инспекциска контрола кај даночните обврзници.“ - УЈП.
Од УЈП не дадоа конкретен датум кога компаниите ќе ги добијат своите пари по основ на поврат на ДДВ. Телевизија 24 вчера објави дека дел од големите индустриски капацитети со месеци го чекаат повратот на ДДВ. Законскиот рок е 30 дена, тоа значи дека фирмите кои чекаат поврат ќе добијат и солидна камата, за овие повеќе од два месеци.
Инаку, бизнисмените со години бараат да се промени моделот на поврат на ДДВ, односно сметаат дека е подобро на се воведе компезација на Данокот на додадена вредност. Во пракса тоа значи дека кога одредена компанија ќе купува материјали или суровини да не плаќа ДДВ, туку таа сума да и се одбива кога ќе има барање за поврат на ДДВ.