Засилени безбедносни мерки во Охрид во пресрет на утрешната средба

Засилено полициско обезбедување,чисти булевари од автомобили контејнери и лежечки полицајци,се уредуваат зелените површини низ градот. Охрид подготвен според сите пртоколи да ги дочека високите државници.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ косовскиот премиер Албин Курти,Жозеп Борел, високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина и Габриел Ескобар заменик помошникот на државниот секретар на САД.

Според агендата прво се предвидени одвоени средби на високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Лајчак со двете делегации, а потоа е предвидена и заедничка средба. По завршувањето на средбите во вилите „Билјана“ и „Охрид“, најавено е обраќање на Борел пред медиумите.

Фокусот на средбата е  да се продолжат разговорите за договорот за патот кон нормализација на односите. Состанокот во Охрид е продолжение на дискусијата што двајцата лидери ја имаа на 27 февруари во Брисел, на која го договорија текстот на првичниот план.

Европската унија очекува на средбата да се договорат за имплементацискиот анекс на договорот, што се смета за составен дел на документот. 

Предлогот на ЕУ за нормализација на односите Белград - Приштина, претходно познат како француско-германски план, не ја обврзува Србија формално да ја признае независноста на Косово, но двете земји меѓусебно ќе ги признаат документите на другата страна, како што се пасошите, дипломите и регистарските таблички.

Според планот, Србија, исто така, нема да се спротивставува на членството на Косово во која било меѓународна организација.