Зашов во СТУДИО 10: ЕУ требаше да реагира на масовното издавање бугарски пасоши на Македонци, треба да реагира и на оваа ескалација
Претепувањето на Пендиков е несреќен случај кој дојде во несреќно време, а јас го осудувам чинот на насилство. Тоа беше искористено од бугарските националистички кругови кои поведоа хајка против Македонија , вели Благој Зашов, поранешен амбасадор, во СТУДИО 10 на ТВ24.
-Ниедна нација не постои од еден определен датум. Така, не може во Бугарија да се вели дека ние сме биле Бугари до 1945 а потоа сме станале Македонци. Проблемот е што Бугарија ја негира македонската националност. Тоа ги нервира Македонците. Мора да се најде средина, не може две соседни држави да бидат во постојан судир, вели Зашов.
Амбасадорот Зашов очекува дека големите сили во ЕУ ќе реагираат на оваа ескалација. ЕУ треба да побара и од Бугарија да покаже знаци на добрососедство, а не тоа да го бара само од Македонија. Тој посочува дека слични случаи имало и во други соседни земји, но работите се средиле.
-Зошто ЕУ не реагираше кога Бугарија масовно издаваше пасоши на македонски граѓани? Кога Португалија почна да издава пасоши на Бразилци имаше реакција да се престане со таа практика, вели Зашов.
Зашов на ситуација гледа на дипломатски начин и вели дека најтешко во ваква ситуација му е на послабиот. Според него, решението не може да се бара во НАТО, туку да се посветиме повеќе на нашата организација во државата и особено во дипломатијата која ги пренесува работите онака како што се.
-Ние немаме амбасадори во клучни земји, а камо ли лобисти. Секако дека имаме пријатели, но и ним не сме им се оддолжиле, вели Зашов.