Засега во Македонија нема тестирања за омикрон сојот

Тестирање на новиот сој на коронавирус, Омикрон засега нема да има бидејќи не се појавил сомнителен случај, потврдија за ТВ24 во Институтот за јавно здравје.

Од ИЈЗ велат дека будно ја следат состојбата со новите мутации.

- Се следи состојбата со Ковид 19, посебно со генетските мутации на вирусот. Досега не е направено секвенционирање за Омикрон бидејќи немаме сомнителен случај  по епидемиолошка анкета. Ќе почнеме со испитување на оваа мутација кога ќе се зголемат сомневањата во земјава и во регионот. - вели Шабан Мемети, директор на Институт за јавно здравје.

Најверојатно, тоа ќе се случи десет дена по празниците за кога е можен нов бран поради фрекфенција на патници и собирања за прослава на Нова година.  

Омикрон веќе го има во 63 земји во светот. Во Европа во повеќе од 20 земји, а во регионот откриен е во Грција, Хрватска, Црна Гора и тоа кај луѓе кои допатувале од Јужна Африка.  

Досегашните податоци за оваа мутација се недоволни за да се утврди тежината на болеста. Според СЗО, првичните податоци покажуваат дека Омикрон е позаразен од Делта, ја намалува ефикасноста на вакцините, но предизвикува поблаги симптоми. 

Сепак, Британија го има првиот смртен случај од Омикрон, а десеттина се хоспитализирани со потешка форма. Овој сој сочинува 40 проценити од инфекциите во Лондон. 

Повеќето Европски земји веќе преземаат мерки на заштита границите. Во Грција од денеска стапи на сила забраната за влез во затворени  простории за лица над 60 години кои не примиле трета доза, а поминале седум месеци од вакцинацијата, како и намалување на три од шест месеци на важнотса на потврдата за прележан Ковид. Мерките важат и за туристите.

Во Србија сите патници кои доаѓаат од Јужна Африка подлежат на задолжителен ПСР тест на аеродром.