Засега нема задолжителна вакцинација во Македонија

Засега нема да се применува мерката задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор, истакна вчера министерот за здравство Венко Филипче, но, како што рече, дополнителна мерка во некоја форма вакцината да биде задолжителна не е исклучена, согласно со искуствата и примерите кои ќе ги даваат други земји во периодот што доаѓа.

-Некои земји размислуваат и за таа мерка, но мислам дека е се уште рано. Додека тоа се осмисли, треба да се види и провери како овие мерки ќе имаат резултат. Ќе видиме каков ќе биде интересот и опфатот за вакцинација во следниот период со оваа мерка за матичните лекари. Спремни сме да носиме и други препораки. Мислам дека, генерално во Европа, ова е нешто што ќе се менува. Некои земји размислуваат вакцинацијата биде задолжителна, но очигледно се уште е рано и потребна е комуникација со граѓаните. Гледано низ призмата на здравствениот систем, најпрактичен механизам ни се матичните лекари, рече Филипче.

Појасни дека заклучиле дека мерката за задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор отвора многу сериозни прашања во врска со казнувањето на тие што нема да прифатат вакцинирање, а од друга страна е и голем финансиски товар. Одредено време, како што нагласи, ќе се согледува дали ќе помогнат апелите од матични лекари за да се стимулира вакцинирањето во државава.

– Финансискиот еднократен надомест од 30 денари по пациент за матичните лекари доколку достигнат и надминат опфат од 70 отсто со вакцинација од вкупниот број пациенти запишани кај нив ќе им биде даден на крајот на пролетта и почетокот на летото следната година, врз основа на постигнатите резултати. Матичните лекари се тие што имаат директен и прв контакт со пациентите и комуникацијата е честа со нив за лекарска услуга, совет итн. И во таа смисла, сметам дека мерката е добро димензионирана и дека реално може да се спроведе. Секако, матичните лекари треба да се свесни колку е важно да се зголеми опфатот со вакцинација, рече Филипче, додавајќи дека мерката е значајна и за државата и здравствениот систем.

Посочи дека некаде најголем број прикрепени пациенти што ги има некој матичен лекар е околу 2.500, а просекот е околу илјада, така што, рече, сумата за надомест не треба да се занемари.

– Има различни степени на опфат кај различни матични лекари, кај некои во некои градови дури е веќе постигнат процентот и 70 отсто од прикпрепените пациенти веќе се вакцинирани. Сметам дека ова е мерка на која матичните лекари треба да стават акцент и во интензивна комуникација со пациентите да ја пуштат пораката за важноста на вакцинацијата, рече Филипче.