Заседаваше Советот за безбедност на Србија - Вучиќ нареди посилни мерки против демонстрантите

Тензичната состојба во Србија продолжува, а демонстрантите шеста вечер по ред протестираат против полициската бруталност и владејачките политики. Немирите кулминираа во Белград, каде што беа провалени канцелариите на Српската напредна партија, а полицијата интервенираше со солзавец и апсења.

По вчерашните немири, Советот за национална безбедност денеска во Палата Србија, Нов Белград, одржа седница на која присуствуваа државниот врв, високи функционери во Министерството за внатрешни работи и претставници на вооружените сили. Според официјални извори, на дневен ред, покрај безбедносната состојба и протестите, се дискутирало и за прашањата поврзани со Косово и Метохија, како и тековните случувања во Босна и Херцеговина и Република Српска.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, сѐ уште не објавил официјални информации за содржината на средбата, но доцна синоќа ги оцени протестите како насилни, нагласувајќи дека нема да дозволи државата да биде загрозена од внатрешни и надворешни непријатели и најави робусни акции за спречување на немирите... 

Александар Вучиќ, претседател на Србија

„Што ќе им понудат на народот, освен насилство, немир, уништување, и на крајот бегање, тоа е карактеристично за нив, тие се обидуваат да ни ги уништат елементарните вредности и нормалниот живот и тие сакаат по секоја цена да го уништат нормалниот живот во државата. Но ве уверувам дека ќе се бориме секаде, ќе им пружиме отпор тоа бидете сигурни, само сакаме да го вратиме животот во нормала, да вратиме се што ни одзедоа периодот наназад, но ние ќе им пружиме рака колку и да е тешко да им се подаде рака на вакви луѓе кои покажуваат дека немаат никаква идеја, никаков план и програм...“

Српската МВР соопшти дека само во Белград во последните 24 часа се уапсени 16 студенти, кои, според информациите, кршече прозорци, запалиле контејнери и фрлале камења кон полицијата, по што следела интервенција и нивното потиснување кон просторот околу Правниот факултет.

За меѓународната заедница и странските медиуми  кои ја следат состојбата во Србија постои голема доза на загриженост. Францускиот весник Ле Монд ја споредува кризата со протестите во Киев во 2013–2014 година, истакнувајќи дека насилните апсења и демолирањето на партиските канцеларии се дел од сценарио кое никој не го посакува, и покрај тоа што незадоволството произлегува од системската корупција и нефункционалноста на државата. Германските медиуми, пак, ја оценија состојбата како обид за замолкнување на правото на изразување протест, нагласувајќи дека ескалацијата на немирите е поврзана со апсење на мирни демонстранти и со полициска бруталност која ги загрозува животите на учесниците.

Демонстрантите кои се против режимот на Вучиќ и покрај најавите на претседателот на земјата за поголема полициска контрола на протестите најавија дека нема да се откажат од нивните зацртани линии и нагласија деќа ќе продолжат да го изразуваат револтот на улиците, а студентскиот племун започна акција за собирање на потписи за превремени избори.