Заседание на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург

Подготовката на јунскиот Самит на Европската Унија, препораките во рамки на Европскиот семестар за 2025 година и состојбата со владеењето на правото во Финска, ќе бидат главни теми на заседанието на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) што ќе се одржи денеска во Луксембург. 

Состанокот на министрите или државните секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе започне со дискусија по заклучоците за Самитот на Унијата што треба да се одржи на 26 и 27 јуни во Брисел. 

Според најавите, глави теми на Европскиот совет ќе бидат состојбата во Украина и континуираната на Унијата за земјата и украинскиот народ, како и за најновиот развој на настаните во регионот на Блискиот Исток. 

Покрај ова, предвидено е на Самитот да стане збор за европската одбрана и безбедност со акцент на плановите за зголемување на одбранбената подготвеност на Европа во следните пет години и зајакнување на капацитетите на европската одбранбена технолошка и индустриска база. 

Предвидено е лидерите на ЕУ да разговараат и за напредокот во активностите за зајакнување на конкурентноста и Единствениот пазар, имплементацијата на нивните заклучоци за миграцијата и за подготовките на претстојните самити со трети земји и односите со партнерите. 

Во продолжение на заседанието на ГАК министрите треба да ги одобрат интегрираните препораки специфични за секоја од земјите членки во рамки на Европскиот семестар за 2025 година, а ќе имаат и дискусија за состојбата со владеењето на правото во Финска. 

Европскиот семестар е рамка за координација на економските, буџетските, социјалните и политиките за вработување во рамките на Европската Унија, преку која земјите членки ги усогласуваат своите буџетски и економски политики со правилата договорени на ниво на ЕУ.