Започнува третиот циклус од кампањата „Читаме Современи Македонски Автори“

„Сѐ уште можам нешто да сторам” од Фросина Пармаковска е книга за месец септември. Со овој роман започнува третиот циклус од голема кампања на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје насловена „Читаме Современи Македонски Автори“.

Сѐ уште можам нешто да сторам” е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење. Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој се доминантни психологизацијата на главниот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна. Ова е роман за суштинската промена однатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со себеси, долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното, посочува издавачот Или-Или.

За оваа книга Пармаковска го доби Рациновото признание за 2023 година.