Започнува јубилејната 20. Регионална конференција на Македонскиот ПЕН – Центар

Започнува јубилејната 20. Регионална конференција на Македонскиот ПЕН – Центар, на која ќе учествуваат дваесет и пет писатели од девет ПЕН центри. Како што соопштуваат од ПЕН центарот, Конференцијата ќе се одржи во Охрид и Струга и ќе трае до 21 јуни.

Во соопштението наведуваат дека темата на годинешниот Симпозиум ќе биде „Постхуманизам и книжевност“, каде писателите низ дијалог ќе се обидат да најдат одговори на низа актуелни прашања за статусот на книжевноста и уметноста во ерата на вртоглав технолошки развој поврзан со употребата на вештачката интелигенција.

Излагањата од Симпозиумот, велат, ќе се сосредоточат на позитивните и негативните аспекти на примената на вештачката интелигенција во книжевноста; вештачката интелигенција и имагинацијата; „ChatGPT“ и плагијаризмот; хуманистичкото образование и вештачката интелигенција, со цел да се понудат одговори на прашањето за состојбата на човекот денес, односно: „дали сме веќе навлезени во добата на постхуманизмот?“

– Во рамките на Конференцијата ќе се одржи состанок на Балканската ПЕН мрежа, посветен првенствено на перспективите на соработка, меѓусебното преведување, но и заедничка афирмација на балканските книжевности и културни достигнувања на меѓународен план. Програмата предвидува и две книжевни читања на делата на учесниците: во Меморијалната куќа на Григор Прличев во Охрид на 20 јуни, со почеток во 19ч., како и во Меморијалната куќа на Браќата Миладиновци во Струга на 21 јуни, со почеток во 13 часот, стои во соопштението.

Оттаму додаваат дека учесници најубилејната конференција на Македонскиот ПЕН центар се Вида Огненовиќ и Владислав Бајац од Српскиот ПЕН, Ентела Каси и Ахмет Пренчи од Албанскит ПЕН, Петар Чухов и Иван Христов од Бугарскиот ПЕН,  Тарик Ѓунерсел од Турскиот ПЕН,  Драгана Кршенковиќ Брковиќ од Црногорскиот ПЕН, Бинак Кељменди од Косовскиот ПЕН, Иштван Турчи од Унгарскиот ПЕН, Ванѓел Дуновски од Влашкиот ПЕН, како и членовите на Македонскиот ПЕН Зоран Анчевски, Игор Анѓелков, Наташа Аврамовска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Димитрие Дурацовски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Катица Ќулавкова, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев и Соња Стојменска-Елзесер. 

Музичкиот дел од програмата ќе биде во изведба на пејачот на составите „Фолтин“ и „Пијан Славеј“ Бранислав Николов.

Јубилејната Регионална конференција на Македонскиот ПЕН центар ќе се одржи со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, а програмата во Струга ќе биде изведена во соработка со Струшките вечери на поезијата.