Започнува дводневната манифестација „Смилевски конгрес 2026“
Во селото Смилево, Демир Хисар, денеска започнува дводневната културната манифестација „Смилевски конгрес 2026“.
Како што посочуваат од НУ Манифестација „Смилевски конгрес“, настанот има цел да отвори простор за преиспитување на улогата на уметноста и заедницата во современиот општествен контекст, нагласувајќи дека културната меморија на Смилевскиот конгрес не се третира како историски остаток, туку како активна можност за ново промислување на заедништвото.
- Во време на расцепканост, симулирана комуникација и псевдоиндивидуализам, оваа манифестација не нуди носталгија, туку позиција дека автентичната уметност не настанува во изолација, туку во однос, во судир, во соработка и присуство на Другиот - стои во соопштението.
Програмата опфаќа изложби во настанување, уметнички инсталации и музички настапи, со цел да се создаде жива интеракција меѓу уметниците, локалната средина и публиката. Во центарот на вниманието е колективната инсталација „Песната на славејот“, како и настапите на Чалгија саунд систем, „Brass Brothers“, Летечки Пекинезери, Мојра и Дејание.
- Смилевски конгрес не е само фестивал. Тој е став, дека меморијата не смее да се сведе на декор. Дека уметноста не припаѓа на логиката на производството, туку на поредокот на откривањето. И дека заедницата, ако навистина постои, мора повторно да се создава - велат организаторите.
Во рамки на манифестацијата ќе бидат реализирани и изложбите „Интуитивни клепања“ и „Последните селани“, со учество на Емилија Сандиќ, Сашо Алушевски и Предраг Узелац.

