Започнува 14. издание на литературната манифестација „Поетски слем Македонија“

Во организација на Театарска работилница – Прилеп, денеска започнува 14. издание на литературната манифестација „Поетски слем Македонија“ што ќе трае до недела.

Отворањето на манифестацијата е во 18:30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“, со изложба на уметникот Владимир Лукаш, насловена „Hello Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again“.

Како што информираат од „Поетри слем Македонија“, на годинашниот поетски натпревар пријавени се 24 автори од повеќе градови, кои утре со почеток од 18 часот ќе продефилираат низ центарот на Прилеп и ќе рецитираат поезија на повеќе локации. Дефилето ќе заврши во клубот „Таверна“, со почеток во 19 часот, каде што ќе се одржат две промоции на поетските книги „Јазик за двајца“ од Бранислав Николов и „Модра мрежа“, од Марина Шокева, додека официјалниот слем-натпревар ќе се одржи во киното „Мис Стон“ со почеток во 20:30 часот, по што ќе има „отворен микрофон“, каде што ќе можат да настапат гостите од публиката.

На третиот фестивалски ден ќе се одржат промоции на книгите „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова - Лори и „Додека спиеш“ на Биљана Стојановска. Промоциите ќе се одржат во клубот „Таверна“ со почеток во 19 часот. Специјална гостинка на фестивалот е Шенон Саливан од Берлин, која ќе одржи свој музичко - поетски перформанс во киното „Мис Стон“ со почеток во 21 часот.

– Последниот фестивалски ден (13 октомври) учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во црквата „Света Петка“ во населбата Точила, а во 10 часот ќе се одржи поетско читање на манастирот Трескавец. Традиционално за манифестацијата се печати и зборник во кој се застапени сите пријавени автори, а годинава негов издавач е Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје, стои во соопштението.