Запишани студенти на мастер и докторски студии, а немале соодветна диплома

Иако Законот за високо образование предвидува на постдипломски студии да се запишуваат студенти со 240 ЕКТС кредити, на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје студенти кои не ги исполнувале условите биле запишувани на магистерски, а потоа и на докторски студии, констатира Државниот просветен инспекторат, кој исто така донел одлука за поништување на спорните огласи.

Државен просветен инспекторат

„Констатирано е дека дел од студентите биле запишани на втор и трет циклус студии без да ги исполнуваат условите, односно без завршен прв циклус академски студии со најмалку 240 ЕКТС кредити. Наместо тоа, тие поседувале 180 ЕКТС кредити од стручни студии, кои биле комбинирани со 60 ЕКТС кредити од специјалистички студии (180+60), што не е дозволено согласно закон, правилници, конкурс и студиски програми. За вкупно седум студенти донесени се решенија за поништување на уписот и стекнатиот статус“, велат од ДПИ.

Од Филозофскиот факултет појаснуваат дека станува збор за студенти кои имале завршени тригодишни стручни студии и едногодишни магистерски стручни студии, кои со измените на законот во 2018 година не ги исполнувале условите. Од Факултетот потврдија дека студентите се испишани, додека за наводите дека нема да им бидат вратени парите за партиципација од Филозофскиот децидно тврдат дека сите ќе бидат рефундирани.

Министерката за образование Весна Јаневска вели дека ќе го чека крајниот извештај на ДПИ, по што ќе постапи како ресорен министер.

Инаку, според достапните информации, сумите за постдипломски студии се движат од околу 2.000 до 3.000 евра, додека докторските студии достигнуваат од 5.000 до 6.000 евра.