Запален автомобилот на претседателот на Градската организација на СДСМ во Скопје, Ѓорѓи Галетановски

Во три часот по полноќ на паркинг пред зграда во скопската населба Кисела Вода бил запален и пеплосан автомобилот на Ѓорги Галетановски, претседател на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на скопската Зоолошка градина. Пламените јазици ги разбудиле и соседите а веста дека автомобилот гори Галетановски ја добил од неговиот брат.

Галетановски за Телевизија 24 рече дека не се сомнева во никого и не добивал политички закани. Потенцираше дека очекува МВР во најбрз можен рок да го реши случајот.

Тонско Ѓорѓи Галетановски, претседател на градската организација на СДСМ за Скопје

Не сум добивал закани во минатото, ме познаваат луѓе, кој ми се обратил секогаш сум бил отворен. За вакви кукавички чинови не очекував од било кого и немам никој да посочам бидејќи сум немал проблем со никој. Ниту сум замерен со некој, фербално ни физички на никаков начин. Ни периодов ни во минатото.

Од МВР пак велат дека покрај автомобилот на поранешниот директор на Зоолошката градина во Скопје во пожарот зафатени биле уште два автомобили кои биле паркирани во близина. Оттаму додаваат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Иван Козаров“ во Скопје опожарено било патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Ѓ.Г.(43) од Скопје, а од пожарот биле зафатени уште две патнички возила „опел“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Е.К.(30) од Скопје и „форд“ со скопски регистарски ознаки сопственост на А.М.(47) од Скопје. Повредени лица нема.

Статистиката на МВР пак покажува дека од јануари па се до крај на август годинава бројот на опожарени возила е намален во споредба со истиот период лани. Годинава биле запалени 54 возила додека лани бројката била 67. Најмногу инциденти со палење на возила биле регистрирани во Скопје.