Западно нилска треска: Засилени мерки во општините каде е прогласена епидемија
Бројот на заразени со западно нилска треска го вклучи алармот во општините каде е прогласена епидемија.
На терен се засилуваат мерките за заштита од комарците - во општина Гази баба извршена е вонредна дезинсекција и мехнаничко прскање во сите населени места за да се спречи ширење на вирусот, а градоначалникот вели дека е во постојан контакт со здравствените власти.
Боби Стефковски – Градоначалник на општина Гази Баба
„Тука пред се ќе го споменам Центарот за јавно здравје со кој направивме две акции во изминатите неколку денови, првично беше механичко прскање во сите оние каналски делови што беа посочени како жариште на комраци, а дополнително во наредниот ден направивме механичко прскање во сите населени места на територија на општина Гази баба со цел да превенираме ширење на заразата кон граѓаните, јас сум во контакт и со министерството за здравство и добро е што досега немаме жител со посериозни здравствени последици од убод од комарец“....
Освен во Гази Баба епидемија е прогласена и во Аеродром, Кисела Вода, Бутел и Илинден. Денеска нема нови потврдени случаи на вирусот – информираат од Центарот за јавно здравје од каде будно ја следат состојбата со епидемијата.
Според последните информации на Инфективната клиника се лекуваат 24 пациенти со западнонилска треска, а седуммина се во потешка состојба. За само една недела, битката со вирусот ја загубија двајца скопјани на 83 и 72 – годишна возраст. Двјцата имале и други заболувања. На сила остануваат препораките за користење на заштитни спрејови, комарници и носење на долги ракави во периодот кога комарците се најактивни.

