Занаетчиска комора: Ќе дојде ден кога занаетчиите ќе бидат поплатени од универзитетските професори
Foto

Занаетчиска комора: Ќе дојде ден кога занаетчиите ќе бидат поплатени од универзитетските професори

Ќе дојде ден кога занаетчијата ќе биде повеќе платен од универзитетски професор. Македонија кубури со занаетчии, утре не ќе можеме да најдеме човек да ни ги поправи домашните дефекти, посочуваат од Занаетчиската комора. Согласни се дека младите и родителите треба да се насочуваат кон средното стручно образование, но за тоа велат треба да се направи конкретен план меѓу сите институции за промовирање на оваа дејност.

„Во моментов занаетчиската комора има потреба од 40 машинобравари немаме ниту четири. Треба стручните училишта и министерството за образование да седнеме и да направиме една програма што му треба на занаетчиството" - изјави Никола Петров - претседател на Занаетчиска комора во Скопје.

Машинобравари, саатчии, пластичари се најбарани во занаетчискиот сектор. Еден бравар велат,  заработува повеќе од 500 евра. Но, колку овој бизнис во Македонија ви гарантира сигурност? И самите тие се жалат, на нелојална конкуренција. Велат работат на пазар без правила, па денеска ги повикаа инспекциските служби да излезат од своите канцеларии.

„Најголемиот проблем е што ние регистрираните не сме заштитени. Играме игра во која нема правила. За нас важат правилата, регистрирани сме, мора да ги имаме сертификатите за работа, плаќеме придонеси итн а некој што работи на десет  метри од нас е ослободен од тие работи и која е таа рамноправност?“ - вели Славе Велјановски - Комора на занаетчии.

Надлежните признаваат дека имаат дефицит на кадар, но ветуваат засилување на инспекцискиот надзор. Дополнително,  најавија посебна кампања, со која ќе треба да ги мотивираат младите да се фокусираат на средните стручни школи, бидејќи велат бразовниот систем  не  продуцира кадри кои ги бара македонското стопанство. И самите порачаа дека општото високо образование не значи дека помалку ќе работите, туку  дека најверојатно ќе останете без работа.

0 Коментари

Остави коментари