“Замрзнатите“ маржи се “одмрзнуваат“ - можни поскапувања од утре ?
Завршува ограничувањето на маржите, почнува стравот од нови поскапувања. Од утре престанува да важи владината мерка за ограничување на трговските маржи на повеќе од илјада производи. Тоа отвора простор маркетите повторно самостојно да ги формираат цените, што, според дел од економистите, може да значи нов бран поскапувања.
Од 1 мај, купувачите ќе ја имаат главната улога. Секој ден, цените на основните производи ќе зависат од слободниот пазар. Но засега, одговорните компании испраќаат мирни сигнали. Маслото, брашното, шеќерот и квасецот остануваат на стара цена.“
Велешки „Кристал“ потврди дека нема да го поскапи маслото за јадење. Цените на шеќерот и брашното исто така остануваат исти, велат големите увозници. Од битолската квасара уверуваат, цената на квасецот не се менува. А поради најавената добра жетва, се очекува и дополнително поевтинување на лебот и белите пекарски производи. Од Министерството за економија и труд велат дека ќе ги анализираат конечните податоци за ефектите од мерката, па потоа ќе решат дали ќе продолжи. Клучен ќе биде извештајот за инфлацијата за април, кој се очекува следната недела.
Иако мерката беше активна, граѓаните се жалеа дека цените и натаму се високи. Еден килограм компири достигна и 90 денари. ТВ24 дознава дека еден дел од големите маркети нема да ги зголемат цените, но стравувањата се дека еден дел од нив сепак ќе ги корегираат. Според анкетите на Народната банка, инфлацијата останува загрозувачки фактор и во 2025 година. Од опозицискиот СДСМ реагираат, цените остануваат високи, а платите најниски во регионот.
„Владините мерки за ограничување на маржите, онлајн објавување на цените од страна на маркетите, како и симболичните обиди со новогодишна кошничка останаа без резултати. Празничната трпеза за 1 мај ќе биде поскапа и поскромна за работниците.“
Мерката за ограничување на маржите важеше од 20 февруари до 30 април и опфати 102 групи производи, со ограничување од 5 до 15% зависно од категоријата. Осум основни намирници добија и највисока дозволена цена. Владата ја оцени мерката како успешна, со дефлација од 1,3% кај храната во март. Но анализата за април ќе биде клучна дали ќе се воведе ново ограничување или ќе се остави пазарот сам да ги регулира цените.