ЗАМЕНИК МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АСИМ МУСА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ФУНКЦИЈАТА
Foto

ЗАМЕНИК МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АСИМ МУСА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ФУНКЦИЈАТА

Заменик министерот за здравство се повлече од функцијата. Оставката на Асим Муса доаѓа откако албански новинари објавија видео во кое тврдат дека заменикот бара мито за да направи операција на пациент од Албанија во струшката болница.

Заменикот министер се правда дека видеото било стапица со цел да се наруши неговиот углед и кариера и ги обвини медиумите дека му правеле местенка.

- „Му кажувам колку чини услугата. Повеќе од јасно е дека ова е стапица за медиумски спектакл за да ми се наруши угледот и да ми го дискредитираат семејството. Убеден сум дека на посветеноста и скромноста со која работам нема да влијае она што синоќа како медиумска бомба и пропаганда се обидоа да ми го нарушат угледот“ - Асим Муса – Заменик министер за здравство.

Но Муса денеска не негираше дека зел пари на рака. Откако кажа што тој имаше да каже си замина од конференциската сала во Владата и не одговори на ниту едно прашање од новинарите.

Заменик министерот ќе треба да даде исказ во Јавното обвинителство кое веќе отворило предмет за овој случај, а од обвинителството за ТВ24 велат дека ќе ги бараат и снимките кои ги објавија албанските новинари.

За сопартијците на Муса од ДУИ, случајот бил решен со неговото повлекувањето од министерството за здравство. Од политичката партија Алијанса за Албанците пак порачаа дека оставка не е доволна и дека треба да се понесе правна одговорност и од Муса но и од Владата и од партијата од каде што тој доаѓа.

Случајот го осуди и Министерот Филипче кој порача дека институциите треба да преземат санкции доколку има простор за тоа.

- „Треба да имаме неселективен пристап без оглед на функциите кои ги имаме. Институциите треба да си преземат санкции доколку сметаат дека за тоа има простор за кого било“ - Венко Филипче – Министер за здравство.

Лекарската комора пак, која експресно реагира кога некој од нивната фела е нападнат од страна на пациенти, за овој случај не сака да коментира. Претседателката на Комората, Калина Старделова за ТВ 24 вели дека додека не се докаже официјално, случајот нема да го коментираат и апелираше на презумпција на невиност.

Асим Муса е заменик министер во здравството година и пол, а претходно беше и директор на Болницата во Струга.

0 Коментари

Остави коментари