Законските измени за укинување на техничката влада пред собраниската Комисија за политички систем

Предлог-законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, со чии законски измени почнува постапката за укинување на техничката влада, денеска е пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија.

Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, во образложението вчера пред пратениците истакна дека  преодната, односно техничката влада за спроведување избори на пратеници во Собранието, воспоставена како законски модел односно привремено решение во услови на изразена политичка и институционална криза, имаше цел обезбедување консензус за организирање и спроведување на изборни процеси.

Ваквиот модел, како што рече, произлезе од политичките договори постигнати во 2015 година и првпат беше применет при подготовката и одржувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, а потоа и во наредните изборни циклуси.