ЗАКОНСКИТЕ „ДУПКИ“ И НАТАМУ ЌЕ ГО „ЈАДАТ“ ЗЕЛЕНИЛОТО?
Foto

ЗАКОНСКИТЕ „ДУПКИ“ И НАТАМУ ЌЕ ГО „ЈАДАТ“ ЗЕЛЕНИЛОТО?

Неусогласени закони, поткупливи инспектори и планери водени од бизнис интереси, се главните узурпатори“ на зелените површини. Без јасни стандарди и закони кои ќе го штитат зеленилото, парковите и натаму преку ноќ ќе се претвораат во паркинзи и градежни парцели - алармираше денеска дел од експертската јавност, на дебата „Како да го зазелениме урбанизмот.

 - „ Плановите кои сега се еваулираат имаат само од 0 до максимум 10 проценти зеленило ниво на план. Истото се однесува и на градежна парцела. Ама параметарот често е напишан а не е точен. Во плановите кои се еваулираат се воочени и промени на постојниот ДУП со ново решение се трудели тие паркови да ги избришат и тие да станат градежни парцели“ - изјави Јана Андреевска Белчева – претседателка на советот на Општина Центар.

- „Koга немате видливо што е зеленило и како тоа се обезбедува, тогаш и никој не се чувствува обврзан да го реализира“ - изјави Дивна Пенчиќ – професорка на Архитектонски факултет.

Ниту новиот предлог закон за урбанистичко планирање не го заштитува зеленилото во целост, бидејќи директно се коси со одредени одредби од законот за зеленило, потенцира и зелената партија и бара нивно усогласување.

- „Мора да се повикува законот за урбанистичко планирање на стандардите и нормативите веќе опфатени со законот за урбано зеленило, затоа што тоа е клучно во урбанизмот и носењето на плановите, доколку навиститина сакаме сериозно да имаме зелени површини во интерес на граѓаните.“ - изјави Mаја Морачанин – Претседателка на ДОМ.

Дел од надлежните за екологија пак, веруваат дека законите ќе се хармонизираат со амандманска интервенција.

- „Има простор за подобрување на овој закон и преку амандманска расправа и предлози за измени и дополнувања има шанси, претпоставувам, за се она што законот за урбано зеленило го носи да биде интегрирано на соодветен начин“ - изјави Ана Петровска – државна секретарка во Министерството за животна средина.

Дел од говорниците потенцираа дека освен ефикасни закони, неопходна е засилена инспекциска контрола, но и целосна ревизија на спорните детални урбанистички планови во корист на јавниот интерес, наместо на поединци.

0 Коментари

Остави коментари