Законски измени за да се спречи поскапување на струјата во следните 6 месеци

Игра на тронови! Вака дел од познавачите на енергетскиот сектор ги оценуваат потезите на владата во заминување и на онаа во најава. Одлуката на актуелната влада ЕСМ да ја зголеми за три евра цената по која струјата ќе му продава на ЕВН, но и да му обезбеди само 85 отсто од потребите, е најава за поскување на струјата од 1 јули, тврдат познавачите.

Иако е рано и се уште не се поднесени пресметките до универзалниот снабдувач, од Регулаторна велат дека зголемувањето на цената на ЕСМ од 57 на 60 евра ќе го изеде намалувањето на маржата од 11,5 на 9,9 отсто на старо-новиот универзален снабдувач. Ако згора на тоа, ЕВН останатите 15 отсто ги набави по посакапа цена, тогаш регулаторите стравуваат од поскапување.

Сепак, велат дека последниот збор ќе го имаат тие и ќе сторат се, за да нема ценовен шок или поскапувањето да не ги погоди најранливите граѓани. Реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Нивните пратеници денеска поднесоа измени на Законот за енергетика по кратка постапка. Оттаму велат дека нема да дозволат поскапување или ако го има, првиот и вториот блок да останат со иста цена, а кај останатите два, зголемувањето да биде 1 до 2 %, вели мандатарот Христијан Мицкоски.

Измените се однесуваат на формулата по која се пресметува новата цена. Со нив коефициентот кој произлегува од старата маржа, се менува со коефициент од новата. Со потегот на старата Влада да се зголеми цената на струјата ме се согласува и министерот за економија во заминување Кешник Бектеши. Тој вели дека министерството било против тоа, но Владата не го прифатила нивниот предлог.

Во меѓувреме, ТВ 24 дознава дека на денешната аукција на ЕВН Хоум, ЕСМ и официјално понуди 60 евра за покривање на 85 отсто струја за домаќинствата и малите бизниси. За останатите 15 отсто ЕВН добила две понуди од по 140 евра за мегават, што ги одбила. За овие количини се очекува нов тендер во јули.