Законот за отпис на камати за неплатени сметки помина во Собранието
Foto

Законот за отпис на камати за неплатени сметки помина во Собранието

Граѓаните од следниот месец ќе бидат ослободени од каматитете за старите сметки за комунални услуги. За сите решенија за извршување издадени од суд заклучно со 25 мај 2006 година, и префрлени кај нотар или извршител граѓаните ќе бидат ослободени од каматитете и 80 проценти од трошоците за извршување. Доверителите, како ЕВН, БЕГ, Телеком, Водовод, кабелските оператори и други ќе треба доброволно да донесат одлука за отпис на каматите. Бројката колку граѓани имаат вакви решенија допрва ќе се пресметува, како и сумата за камати и трошоци за извршување за која ќе бидат ослободени.

„Ние уште при поднесувањето на законот имавме контакти со доверителите, како ЕВН, Телеком. Тие имаат обврска да донесат одлука на доброволна основа, но мислам нема да има проблем ова да го спроведат. Должникот е обврзан само да го плати главниот долг и 20 проценти од трошоците при извршувањето. Треба да се испита точната бројка, има голема бројка на вакви долгови кои сеуште се во архивите на доверителите и такви кои веќе се наплатени“ - вели пратеникот Панчо Минов, кој е еден од подносителите на законот.

Станува збор за проблем со кој граѓаните се соочуваат од 2011 година, кога извршните предмети од судовите се пренесени кај нотарите и извршителите. Најголеми жртви беа граѓаните кои се соочија со огромни затезни и казнени камати за предмети за кои не биле ни свесни дека постојат, ниту пак дека има предлози за присилна наплата. Тогаш се шпекулираше со бројка помеѓу 100 и 200.000 решенија. Додека пак според неофицијалните информации во судот во моментов има околу 150.000 предмети кои се правосилни и чекаат на извршување.

„Се работи за огромни камати трупани со години. Но за тоа не сме ние виновни, поради неработењето на судовите граѓаните беа обесправени и плаќаа огромни камати. За да дојдеме до конкретната сума која ќе треба да се отпише на име камати и трошоци за извршување, ни треба податок од секоја извршителска канцеларија посебно, колку вакви предмети има“- вели претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов.

Доверителите ќе треба во рок од 15 дена по приемот на доставениот доказ за извршена уплата на главниот долг од граѓаните, да ги извести дали прифаќа или не да им ги отпише каматите.

0 Коментари

Остави коментари