Законот за минерални суровини во сенка на договорот со „Бехтел и Енка“ за автопатите

Заврши собраниската расправа за измените во законот за минерални суровини по скратена постапка, што е дел од сетот закони кои го отвораат патот за изградбата на коридорите 8 и 10д.

Пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со овој закон се покажало оти опозицијата не ја кочи изградбата на коридорите 8 и 10д.Тој и укажа дека нема проектна докуметација за коридорите и не се знае каде ќе поминува трасата и каде ќе се копаат минералните суровини.  

Во однос на обвинувањата на опозицијата дека со измените на овој закон се кратат брзите рокови за искоритување на минералните суровини, пратеникот Бедри Фазли од ДУИ рече оти станува збор за мали измени кои се однесуваат за изградба на коридор од стратешки интерес. 

Овие законски измени се единствените што поминаа на Комисијата за економски прашања по првото поднесување на законите во Собранието. За овој закон имаше поднесено неколку амандмани од ВМРО-ДПМНЕ и од ВМРО-НП, но тие не беа прифатени. Останатите закони од овој сет беа повторно доставени до Собранието со европско знаменце, и веќе се донесени. Гласањето за измените во законот за миниерални суровини ќе биде дополнително закажано.