Законот за линеарно покачување на пeнзиите во Собрание

Покачувањето на пензиите денеска пред пратениците. Ќе добијат ли пензионерите зголемена пензија следниот месец? ВМРО-ДПМНЕ бара соработка од сите пратенички групи да го поддржат Законот кој ќе овозможи линеарно зголемување на пензиите на сите пензионери за 2.500 денари, почнувајќи од септемвриската пензија. 

Од СДСМ пак не одговорија конкретно на нашето прашање дали ќе го поддржат Законот кој ќе овозможи линеарно зголемување на пензиите. Од таму само кратко во телефонски разговор посочија дека ќе видат како ќе тече дебатата во Собранието. 

Доколку помине овој Закон, тогаш 300.000 пензионери следниот месец ќе добијат повисоки пензии, а во март следната година се очекува да има зголемување од уште 2.500 денари.

Во меѓувреме, пензионерите кои протестираа за линеарно зголемување на пензиите бараат оставки од актуелното раководство на Сојузот на Здруженија на пензионери, поднесено е барање за покренување истрага за финансиското работење на Здружението до повеќе државни органи бидејќи, како што тврдат, се сомневаат на незаконско работење и бараат да се донесе нов Закон за пензионерите.