Законот за јазици ја бранува политичката сцена

Ќе стане ли законот за јазиците - политички кибрит за потпалување на меѓуетнички тензии? Премиерот тврди дека ништо нема да се случи во среда на седницата на Уставниот Суд и дека целта на ДУИ е да направи етнички поделби.

Мицкоски обвини дека ДУИ се служи со политички маневри - 20 години поставува судии, а бидејќи знае какви се процедурите на Уставниот суд, во среда, во јавноста ќе кажат дека поради притисоци ништо не се случило. Вели дека владата разменува информации со стратешките партнери, а безбедносната состојба е под контрола.

- Во среда нема ништо да се случи, затоа што има процедури, подготвителни седници, итн. Но, тие повторно ги злоупотребуваат Албанците, но и Македонците, ги малтретираат и останатите со обиди за поделби и да привлечат внимание. Ги молам сите граѓани, и Македонци и Албанци и сите - да бидат спокојни. Ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомненија за сторен огромен криминал. - рече Мицкоски.

А ДУИ, откако вчера испрати писмо до ЕУ, САД и НАТО, денеска упати апел до премиерот -  му порачуваат, да ги прекине заканите и разединувачката и провокативна реторика. Во меѓувреме Секретаријатот за правда на ДУИ одржал и итен состанок, а Мала Речица утре ќе одлучува за своите наредни чекори. 

Со високи тонови на обвинувања но и најава за можна дестабилизација на државата, која би се прелеала во регионот, вчера ДУИ побара поддршка од меѓународните стратешки партнери. Во писмото означено како - ургентно и загрижувачко, стои дека - загрозувањето на Законот за јазиците не би било само предавство кон албанската заедница туку и обид за уривање на меѓуетничќката хармонија.