Законот за Изборниот законик затрупан во амандмани

Се' понеизвесно е кога пратениците на пленарна седница ќе расправаат за измените на Изборниот законик кој влезе во собраниска процедура откако помалите партии и независните кандидати поднесоа повеќе од 500 амандмани во делот кој предвидува праг од три отсто за избор советник во општина од партиите и два отсто за независните кандидати. 

Од Демократскиот сојуз сметаат дека предложените измени на изборните правила брутално ја напаѓаат демократијата и дека со нив се спречува рамноправен политички натпревар и разновидноста на идеи. Лидерот на партијата, Павле Трајанов денеска изјави дека доколку се усвои овој предлог, тоа директно ќе го спречи изборот на подобрите и поквалитетни кандидати за советници, што всушност е и смислата на концептот за отворени листи. Според него, ваквиот предлог е насочен и да ја зацврсти партиската диктатура кај доминантните политички партии. 

Од Коалицијата на ДОМ и ЛДП предложениот праг од 2 отсто е неприфатлив. Како што пишува во нивното денешно соопштение до јавноста, тие предлагаат прагот да изнесува 0.5 отсто заото само така, велат од Коалицијата, ќе се овозможи олеснато вклучување на независните кандидати во единиците на локалната самоуправа. 

„Во однос на останатите поднесени амандмани за отворените листи бараме наместо прагот од три проценти од вкупниот број избирачи на избирачкиот список да биде 10 проценти од бројот на вкупно освоени гласови на листата или пак воопшто да нема праг“

И Демократскиот сојуз и Коалицијата ДОМ и ЛДП имаат и забелешки за начинот на финансирање на партиите и нивното медиумско претставување за време на предзборните кампањи. 

А по предложениете измени на Изборниот законик реагираше и ДКСК. Според комисијата, носењето на измените пред локалните избори е спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР според кои се препорачува стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи но и да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување.

„Ова е класичен пример на политичка корупција. Предложените измени ќе овозможат зголемено влијание на политичките партии врз советниците при носење на одлуки во интерес на партиски цели, со истовремено намалување или анулирање на учеството и влијанието на поединци и граѓанските здруженија во општинските совети“

Според најавите и на власта и на опозицијата, локалните избори треба да се одржат на 17 октомври годинава.