Законот за игри на среќа во Собранието
Предизборно Законот за игри на среќа ставен во собраниска процедура и се бира со 61 пратенички глас, откако претходно одлучно „Не“ кажа шефот на државата, Стево Пендаровски, кој не го потпиша указот на Законот и истиот го врати во Собрание, бидејќи како што тврдеше Пендаровски, овој закон бил донесен во несоодветна постапка со злоупотреба на европското знаменце. Но, политичките препукувања на оваа тема продолжија и денеска околу овој Закон, кој мора да биде преку редовна постапка.
Какви тајни крие овој закон кој Груби и партијата на зелената агенда сакаат тајно да го шверцуваат еднаш со европско знаме еднаш со сицилијанско знаме, праша денес на прес Изет Меџити од албанската коалиција „Вреди”, од каде итно побараа целосно да се отстранат, не само обложувалниците, туку и казината.
Од ДУИ пак ја демантираат опозициската коалиција “Вреди”, со став дека интенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и на албанската опозиција е да не се донесе овој закон, за како што истакна пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми, да продолжи монополот на фирма која е основана на криминален начин пред неколку години.
Со реакција се јавија и од Асоцијацијата на спортски обложувалници, од каде тврдат дека останува нејасна упорноста со која се турка носењето на овој закон и уште еднаш ги повикаа пратениците да не даваат поддршка и да одговорат на нивните повици, со цел да се дојде до, како што велат, вистинско европско законско решение.
Одговорно тврдиме дека нашата дејност ниту поттикнува млади да играат игри на среќа ниту пак симулира зависност. Спротивно на тврдењата на Владата, Законот за игрите на среќа скроен ваков каков што е ќе овозможи зголемување на игрите на среќа на црно, развој на сивата економија и пораст на криминалот.
Уште еднаш прашуваме во чиј интерес е носењето на овој катастрофален закон во пресрет на изборите? Свесни ли се пратениците дека со поддршката за овој закон се лишуваат од поддршката од нашите десетици илјади вработени кои наместо светла иднина за своите семејства, ќе добијат мрачна реалност од народните избраници.
Инаку, Законот за игри на среќа, кој предизвика бурни реакции во јавноста, беше проследен и со коментари дека преку него се отвора патот за бизниси на луѓе блиски на или од владеачката ДУИ. Главниот аргумент на Пендаровски првично беше дека има злоупотреба на европското знаменце, меѓутоа политички, откако во јавноста се познати имињата кои ќе учествуваат во трката за претседател, нештата како да стануваат појасни.