Законот за амнестија предвидува потполно ослободување за казна затвор до 6 месеци, нема амнестија за тешки кривични дела

Од министерството за правда информираат дека со законот за амнестија, се уредува ослободување на казна затвор на лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривичниот законик или други закони кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казна затвор како и лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Северна Македонија и казната ја издржува во рсм врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во РСМ, согласно меѓународен договор ратификуван согласно уставот на република Северна Македонија.

Целта е да се овозможи ресоцијализација на сторителите на кривични дела  и рестеретување во казнено поправните установи со оглед на фактот што  состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.  

Со законот се предлага ,лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата,  против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела ,, Злоупотреба на службената положба и овластување”од член 353, ,,Несовесно работење во службата” од член 353-в, и други.