Законите за “Бехтел и Енка“ стигнаа во Собрание со европско знаменце, власта сака на тој начин да спречи блокада

И покрај реакцијата на Делегацијата на ЕУ во Македонија, владата не се премисли. Во среда на пленарна седница, пратениците ќе ја гласаат потребата од носењето на петте законски измени кои владата ги испрати до нив со европско знаменце, а кои се однесуваат на изградбата на делници од Коридорите 8 и 10Д.

Опозицијата пак, обвинува дека местото каде што треба да биде објаснето со кои делови од европската регулатива се усогласуваат законите останало празно.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги повика и амбасадите и Канцеларијата на ЕК да реагираат на испраќањето на законските измени. Доколку не се случи тоа, опозицијата ќе отвори јавна дебата по тоа прашање.

Иако ЕУ во петокот реагираше дека европското знаменце не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ тврди дека Владата е во редовна комуникација со европските партнери на кои им ја објасниле одлуката.

Пратеникот од ДУИ, Арбер Адеми, кој е претседател на комисијата за европски прашања пак, вели дека ќе стори се да нема инциденти и проблеми во Собранието кога на комисијата ќе се разгледуваат петте предлог законски измени за олеснување на изградбата на „Бехтел и Енка“. 

Решението на Владата овие пет законски измени да заминат во Собранието со европско знаменце беше најавено од првиот вицепремиер Артан Груби, кој објасни дека се одлучиле на овој чекор за да не бидат блокирани од опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ пак, чека да го добие на разгледување договорот со „Бехтел и Енка“ и потоа да се дискутира со владините претставници, а не само да им биде презентиран без да имаат увид во него.

Мнозинството тврди дека договорот ќе биде разгледан кога опозицијата ќе каже на која Собраниска комисија треба да се случи тоа.