Закон за СЈО: Брисел очекува да се гласа во следните денови

Европската Унија под будно око го следи текот на преговорите за СЈО и очекуваат во наредните денови пратениците да најдат заеднички јазик за Законот за да не се избегне одговорност од постапките на СЈО – брифираат дипломатски извори за Телевизија 24. 

„Европската Унија постојано го следи развојот на настаните поврзани со законот за СЈО и ќе продолжи да следи и во наредниот период.

Се надеваме и очекуваме дека пратениците ќе можат да гласаат за нацрт законот во следните денови, со цел да се обезбеди одговорност за кривичните дела кои произлегуваат од нелегалното прислушување“ - соопштуваат дипломатски извори.

Откако двете рунди преговори меѓу работните групи на СДСМ и ДУИ завршија безуспешно, од власта најавија дека паралелно со ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат помош и од другите пратенички групи. 

Од БЕСА ниту потврдуваат, ниту негираат дека ќе дадат и поддршка на власта, но се лутат бидејќи не учествуваат во преговорите. Бараат правна разврска на сите предмети, а досегашните резултати од СЈО велат се разочарувачки. Но како институција СЈО има поддршка од БЕСА.

„Имаме многу идеи за СЈО. Очигледно резултатите досега од СЈО се разочарувачки во однос на тоа што го очекуваа граѓаните.

Ќе видиме што нуди Владата, ќе разгледаме и ќе одлучиме. Ќе дадеме поддршка за институцијата и нема да се осврнеме за индивудуалците во СЈО“ - вели Аријанит Хоџа – генерален секретар на БЕСА.

Од друга страна од Алијанса за Албанците тврдат дека ваквиот предлог закон на власта не го гласаат. За Арбен Таравари СЈО во рамки на ЈО значи спас за функционери од ДУИ. 

„Целта на преговорите е да се амнестираат криминалците од ДУИ. Оние кои преговараа со Мијалков, сега истото го прават со Дескоска. Не прифаќаме ваков закон за кој што воопшто не сме ни консултирани. Бараме да се продолжи мандатот на СЈО без временски граници“ - рече Арбен Таравари – Алијанса за Албанците.

Али Ахмети упати апел до неговите поранешни коалициони партнери да продолжат со преговорите за да стигнат до компромис. И од партијата на Заев велат дека ставот не го менуваат – ќе продолжат со преговори со ВМРО-ДПМНЕ, иако од досегашните средби нема резултати. 

„Јас апелирам до опозицијата да не се повлекуваат од дијалогот за да се постигне согласност за доброто на државата“ - порача Али Ахмети – претседател на ДУИ.

„ВМРО ДПМНЕ не го поддржува процесот водејќи се од нивните основни принципи амнестија. Си има собраниска процедура каде што пратениците одлучуваат по нивно сопствено убедување, верувам дека сите пратеници имаат искрени намери за правната држава во РСМ стане пракса“ - изјави Костадин Костадинов – портпарол на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека чекаат одговор од власта за испорачаните три принципи. Децидни се дека нема потреба да се зборува за амандмани кога за основните барања се уште немаат постигнато договор. Топката ја префрлаат кај работната група на СДСМ. 

Осуммината патеници пак засега се воздржани. Иако според неофицијалните информации, Заев добил поддршка засега од само тројца од нив. Утре на маса ќе го стават предлог законот па ќе одлучат дали ќе го поддржат. За да се изгласа законот се потребни 80 гласа, кои што власта без помош од опозициски пратеници ги нема.