Закон за попис - Дали навистина може да се блокира?
Foto

Закон за попис - Дали навистина може да се блокира?

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повторно во клинч - никој не попушта за пописот. Мицкоски собира потписи против попис на населението во април, Заев обвинува за несериозност. 

Премиерот денеска пред новинарите убедуваше дека Законот е согласно Евростат и  сите меѓународни стандарди и оти се работи за статистичка операција која ќе биде успешно спроведена од 1ви до 21 април.  

- Секаков вид на блокирање, секаков вид на одвраќање од вниманието на граѓаните или ставање во неизвесност не е ни малку патриотски чин према државата. Јас очекувам од опозиционата најголема партија будно да го следи процесот, да ги мотивира граѓаните, сите да се упишат во нашата земја, затоа што само така е исправно. И убеден сум дека ако одложиме до есен , тогаш и кампања не можеме, следната година влегуваме во 2022 година и е исто така непредвидлива, никој неможе да каже што ќе се случува. - изјави Зоран Заев премиер на РСМ.

Но опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од ставот дека пописот треба да биде одложен. Го обвинуваат Заев дека ја турка целата процедура на сила. Од партијата денеска се пофалија дека над 25.000 граѓани за три часа се потпишале на пунктовите на кои се собираат потписи со кои ќе се бара поништување на Законот за попис 

- На над 300 пунктови во државата граѓаните масовно излегоа и без страв го кажаа својот став. Граѓаните му ја упатија пораката на Заев. Доколку Зоран Заев има барем малку доблест по денешната порака која му ја упатија граѓаните, ќе го повлече Законот за попис. - велат од ВМРО ДПМНЕ.

Но дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ навистина може да го блокира Законот за попис со сегашното собирање потписи? Телевизија 24 го контактираше универзитетскиот професор Борче Давитковски кој вели дека станува збор за егзибиционизам кој нема правна потпора. Според Давитковски ова неформално собирање потписи не значи ништо. 

- Ако сакаа правно да биде издржано, требаше да идат согласно законот, да собираат потписи преку подрачните единици, каде што можеа да соберат 10 илјади потписи за да се покрене законодавна иницијатива. Тоа е едно. Второ , ова мислам дека е повеќе театрално однесување пред локалните избори. Имаат толку многу пратеници така да било кој пратеник или цела пратеничка група можеа да дадат измени за законот за попис. - вели проф. Борче Давитковски.

Собранието на 21 јануари го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите. Резултатите од пописот треба да бидат објавени во рок од 6 месеци по неговото завршување.

0 Коментари

Остави коментари