Закон за фер трговски практики

Бизнисот бара што поскоро да се донесе најавениот Закон за фер трговски практики. Од како трговците и останатите инволвирани во ланецот на трговија ги дадоа своите забелешки за законското решение сега очекуваат новите правила  да стават ред во секторот трговија.

Од Сојузот на стопански комори велат дека доколку се отстранат сите неправди со кои се соочуваат производителите на прехранбени производи, не само што ќе се подобри нивната финансиска кондиција, туку и ќе има простор за нови инвестиции.

„Нето профитабилноста на сите производители изнесува два, три или четири проценти по завршна сметка, и тоа е така е во последните неколку години. Но за да ги пласираат производите, зборувам и за земјоделците и за произведувачите на прехранбените производи, во маркетите им бараат 25, 30 или 35  проценти од вкупната сума на приходот. Сметаме дека тоа е огромна неправда и не само што е неправда ги носи произведувачите во рамките на опстојување, преживување, а додека трговците го зимаат кајмакот. - вели Горан Георгиевски потпретседател на ССК.

Според информациите од Илинденска, владата ги разгледува забелешките на засегнатите страни во однос на првичното законско решение кое беше поставено на ЕНЕР и сега се очекува многу скоро Предлог законот да биде усвоен на владина седница. Властите се децидни дека новото законско решение ќе регулира повеќе од 20 нефер трговски практики. 

„Најважноп од се е дека ова законско решение ќе ги уреди условите и начинот како да се врши трговија во делот на земјоделските прехранбени производи, и нема да дозволи можност да се користи моќ на одредена компанија врз другите компании.“ - вели Крешник Бектеши Министер за финансии.

Законското решение предвидува и високи парични казни за непочитувачите на правилата, а тие изнесуваат до 20 илјади евра. Во однос на актуелните мерки, до Нова година на сила е мерката за замрзнати цени на дел од прехранбените производи. Сепак, најголем дел од граѓаните се уште се жалат дека куповната моќ никако да им се подобри и покрај статистичкиот раст на платите, и намалувањето на нивото на инфлацијата.