Зајакнати дипломатски активности во претстојниот период за надминување на разликите со Бугарија
Foto

Зајакнати дипломатски активности во претстојниот период за надминување на разликите со Бугарија

Зајакнати дипломатски активности спроведува државниот врв на Република Северна Македонија во претстојнот период кон соседна Бугарија, во насока за изнаоѓање решение на последните несогласувања, кои настанаа по објавувањето на бугарскиот појаснувачки Меморандум испратен до земјите-членки на Европската Унија, со кој се проблематизираат македонскиот јазик и македонската нација.

Во посета на Бугарија заминуваат премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Бујар Османи на средби со нивните бугарски колеги, Бојко Борисов и Екатерина Захариева.

Османи в петок оди во Софија, а посетата ја најави вчера, кога беше објавен и Извештајот на Европската комисија за напредокот на С.Македонија. Тој вчера на прес-конференција рече дека неговата прва билатерална посета ќе биде на Бугарија што, како што потенцира, претставува порака сама за себе, бидејќи укажува дека подобрувањето, односно одржувањето на односите со нашите соседи, вклучувајќи ја и Бугарија, е наш сериозен интерес и приоритет.

– В петок одам во официјална посета на Бугарија каде средбата со мојата колешка Захариева, ќе биде првата моја билатерална официјална средба како министер за надворешни работи и очекувам да испратиме пораки на пријателство, на заемна поддршка и во насока на заедничкиот интерес за европската иднина на целиот регион. Оваа посета претставува и исполнување на првиот приоритет од мојата мандатна мисија како предводник на дипломатијата, а тоа е активен придонес во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи, порача Османи.

Тој изрази очекување дека на средбата ќе стане збор за сите прашања, како што рече, во поддршка на создавање услови за непречена работа на Мешовитата експертска комисија дури и во време на рестриктивните мерки на пандемијата, како и отстранување на сите пречки за засилена политичка, но и економска соработка помеѓу двете земји.

Во однос на Договорот за добрососедтво со Бугарија, Османи вели дека во него има обврски и за нас и за Бугарија.

– Главната обврска на Бугарија е членот 2 во Договорот, што предвидува дека Република Бугарија ќе ја поддржи евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија. И тоа сметаме дека е важен дел од обврските. И тоа досега е почитувано. И во делот на членството во НАТО и во делот на консензусот на одлуката за започнување преговори со ЕУ и очекувам истото тоа да се повтори сега со консензусот за преговарачката рамка и за започнување на меѓувладината конференција, рече шефот на дипломатијата.

Меѓутоа и нашите обврски, потсети Османи, што се дефинирани во членот 5, став 2 од Договорот, а тоа всушност се взаемни обврски, е тоа дека ќе се формираат комисии на историчари кои ќе ги разгледаат врз основа на историски факти различните интерпретации на историските настани.

– Можам да кажам дека тука и покрај различната интерпретација колку работела комисијата, фактот дека за 20 месеци имало 9 средби, во кои е постигнат значаен резултат за повеќе историски епохи не може да се занемари, меѓутоа прашање е која динамика можеме да ја наметнеме и во услови на пандемија и во услови на други ограничувачки фактори, истакна Османи.

0 Коментари

Остави коментари