Загина фудбалерот на Ливерпул Диего Јота

Фудбалскиот свет се збогува со Диого Жота и Андре Силва, двајцата португалси фудбалери кои загинаа во сообраќајна несреќа во Шпанија.

Според првичната истрага на Шпанската Цивилна гарда, несреќата се случила откако се дупнала гума на автомобилот во кој се наоѓале  Жота и неговиот брат Андре, додека претекнувале друго возило. Автомобилот потоа ја пробил заштитната ограда покрај патот и се запалил.

„Aвтомобилот, кој бил од марката Ламборџини, учествувал во сообраќајна несреќа и излетал од патот. Несреќата се случила во раните утрински часови, околу 00:30 часот по локално време, во покраината Замора. Автомобилот се запали и двајцата патници загинаа.“ - Цивилна Гарда на Шпанија.

Смртта на Диого и Андре е огромна загуба за португалскиот фудбал, велат од тамошната фудбалска репрезентација. Европската Фудбалска Федерација потврди дека ќе има минута молк пред натпреварот меѓу Португалија и Шпанија на Европското првенство за жени.

„Многу повеќе од фантастичен играч, со речиси 50 настапи за сениорската репрезентација, Диого Жота беше извонредна личност, почитувана од сите негови колеги и противници. Изгубивме двајца шампиони. Смртта на Диого и Андре Силва претставува надоместлива загуба за португалскиот фудбал.“ - Фудбалска федерација на Португалија.

И капитенот на Португалската репрезентација, Кристијано Роналдо се збогуваше со неговиот соиграч од националниот тим.

„Ова е бесмислено. До неодамна бевме заедно во репрезентацијата. Тој штотуку се ожени. Изразувам сочувство на твоето семејство, сопругата и децата, и им ја посакувам сета сила на светот.“ - Кристијано Роналдо.

Во Ливерпул, траорна атмосфера. Навивачите од различни екипи од утрово оставаат цвеќе,  фудбалски дресови и шалови пред Енфилд Роуд, стадионот на кој секоја недела настапуваше португалецот. Шокирани од смртта на својот колега се и во фудбалскиот клуб Ливерпул.

„Фудбалскиот клуб Ливерпул е скршен од трагичната смрт на Диого Жота. Повикуваме да се почитува приватноста на семејството, пријателите, соиграчите и персоналот на Диого и Андре, додека се обидуваат да се помират со незамисливата загуба.“ - Фудбалски клуб Ливерпул.

Смртта на португалскиот фудбалер ги обедини и ривалите во премиер лигата кои испратија порака до семејството на Жота...Манчестер Јунајтед, Евертон, Арсенал, се збогуваат со прерано починатиот португалски фудбалер.

„Нашете најдлабоко сочувство е со најблиските на Диого Жота и неговиот брат, Андре, и со сите поврзани со ФК Ливерпул по денешните тажни вести.“ - Манчестер Јунајтед.

Жота ја почна професионалната кариера во португалскиот клуб Пакос де Фереира. Набрзо потпиша договор со Атлетико Мадрид, но никогаш не заигра за шпанскиот клуб - веднаш беше испратен на позајмица прво во Порто, а потоа во Вулверхемптон, каде стана клучен играч. Откако му помогна на тимот да се пласира во Премиер лигата, Жота се пресели во Ливерпул во 2020 година за околу 45 милиони евра. Неговиот помлад брат, Андре Силва, настапуваше за португалскиот второлигаш Пенафиел.