Загадувањето е меѓу доминантните причини за големиот број карциноми
Загадувањето меѓу главните причини за зголемениот број карциноми - Скопје е опасно место за живеење, алармираат екпертите.
Професорот Драган Ѓорѓев-експерт за јавно здравје, во интервју за РСЕ, вели дека децении изложеност на високи концентрации на аерозагадување го поткопуваат имунолошкиот систем на жителите, а резултатот е стотици случаи на рак на бели дробови и други видови карциноми.
Драган Ѓоргев професор на Медицински факултет Скопје - Канцерот на белите дробови и на бронхите, заедно мезот или омот, кој што е канцер на обвивката на белите дробови и меланомот (канцер на кожата), се единствени три канцери коишто скоро со сигурност можеме да ги врземе со загадувањето. Така што, навистина, канцерот на бронхот и белите дробови е скоро директо, и тој е прогласен – загадувањето на воздухот како канцероген. Така што тоа е високо сериозно. Многу е опасно е опасно да се помине една зима во Скопје, затоа што Скопје е град којшто е под силен притисок на аерозагадување повќе децении. При проценка на ризикот на едно население, еден од битните елементи, е должината на изложеноста. Значи периодот на којшто скопјани се изложени е со децении и имунолошкиот систем со децении е нападнат. Ние имаме одбранбени механизми, но тие не можат до бескрај да функционираат,
Пожарот во Трубарево ја поттикна загриженоста за тешките метали и токсични гасови во воздухот. Според Ѓорѓев, краткотрајната изложеност е ризична, но долготрајната е таа која претставува реална опасност за сериозни заболувања.
Драган Ѓоргев професор на Медицински факултет Скопје- Оловото на пример има афинитет да влезе и да се позиционира во коските и долго време од коските да се ослободува, така да имаме можност за еден хроницитет. Арсенот исто така ако долго се експонирате, зависи повторно и од концентрациите, може да дојде до и до тумори, до канцер - во некои студии се регистрирани канцер на мочниот меур. Оловото и кадмиумот исто така се крвни отрови, значи ќе дојде до пореметување на крвниот систем, ќе дојде до пореметување на бубрезите и краен ефект при високи концентрации, тоа сега го гледавме за жал на случајот со топилницата во Велес, може да дојде до оштетување на мозокот .
Според експертите, со децении се укажува на поврзаноста меѓу загадувањето и здравјето, но не се преземени сериозни мерки.
За состојбата со квалитетот на воздухот, со загриженост нотираше и Европскиот парламент во последната Резолуција за напредокот на земјата – ги повика владата и локалните власти да ги засилат напорите и да го намалат потенцијалното смртоносно загадување.
Европски Парламент ( Резолуција за 2023/2024 ) – точка 69: Со загриженост забележува дека квалитетот на воздухот, водата и управувањето со отпадните води остануваат особено предизвикувачки прашања за земјата; ги повикува централната влада и локалните власти да ги засилат своите напори со цел да го подобрат квалитетот на воздухот и да го намалат потенцијално смртоносното загадување; потсетува дека ситуацијата е особено алармантна во Скопје, кое постојано е еден од најзагадените градови во Европа;
И во последниот извештај на Европската Комисија( 2024 год), државата не доби позитивна оценка за поглавјето 27 – животна средина. Брисел забележа дека не е направен напредок, а конкретно за воздухот, нотиран беше ограничен прогрес без никакви законски промени во текот на извештајниот период.
Европска Комисија - Постигнат е многу ограничен напредок во квалитетот на воздухот и нема никакви законски промени во текот на извештајниот период.
Поглавјето – Животна средина се наоѓа во Четвртиот кластер од преговорите со ЕУ. Содржи преку 200 правни акти кои опфаќаат хоризонтална легислатива, квалитет на вода и воздух, управување со отпад, заштита на природата, контрола на индустриско загадување и управување со ризик, хемикалии и генетски модифицирани организми бучава и шумарство. Брисел посветува големо внимание на ова поглавје. Македонија, пак, која со децении тропа на вратата на ЕУ, да стане дел од европското семејство, засега е се уште далеку од еколошките стандарди на Унијата.

