Загадување во Битола: Воведен бесплатен превоз до „Нижеполе“, а Црвен крст ќе доставува храна на болните
Од општинскиот штаб на Битола на граѓаните им препорачуваат да носат заштитни маски, а од Црвен крст ќе постават и пунктови за бесплатно делење маски на три локации во градот. Полицијата, пак, ќе спречува камиони да влегуваат во градот, а од комуналните претпријатија зачестено ќе ги мијат улиците.
Општинскиот штаб за заштита и спасување во Битола донесе повеќе мерки поради загадувањето на воздухот во овој град, објавија локалните власти.
Меѓу мерките е бесплатен превоз за битолчани до ски-центарот „Нижеполе“ од денеска до петок три пати во денот. Исто така, ќе се спречуваат камион да влегуваат во градот, а Црвен крст ќе доставува храна до ранливите категории за да не излегуваат надвор.
„Во соработка со СВР Битола, ќе се спроведуваат зголемени контроли и пренасочување на тешките товарни возила, со цел да се спречи нивно влегување во градот, како и да се овозможи побрз проток на клучни раскрсници и тесни грла во градот;
Општински инспекторат и СВР Битола со свои екипи, ќе вршат зголемени контроли на терен, на начинот на работа и загревање на приватните капацитети и домаќинствата;
Со претходно побарана помош преку јавување на телефонскиот број 047236019, тимови на ОО Црвен крст, ќе вршат достава на храна и лекови на хронично болни и изнемоштени лица“, гласат дел од мерките.
Јавните претпријатија „Комуналец“ и „Водовод“, како што соопштија од Општината, ќе вршат почесто миење на улиците во градот.
Од општинскиот штаб на граѓаните им препорачуваат да носат заштитни маски, а од Црвен крст ќе постават пунктови за бесплатно делење маски на три локации во градот: Новиот пазар, Градскиот пазар и на Широк сокак.
„Општина Битола, апелира до граѓаните да ги почитуваат и обврските преземени со добиените субвенционирања од општината за набавка на инвертер клима уреди. Покрај, наведените мерки и активности, до граѓаните, остануваат и препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање, кои вклучуваат: да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума или кој било друг синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва“, соопштија од Општината барајќи да се почитуваат и препораките што вчера ги издаде Институтот за јавно здравје.
Битола заедно со Скопје, Неготино, Прилеп, Кочани и Гевгелија вчера се најде меѓу градовите со многу лош воздух, додека со екстремно лош воздух, објави ИЈЗ, се Берово, Гостивар и Тетово.
Воздухот е екстремно лош во Берово, Гостивар и Тетово, а многу лош во Струмица, Битола и Кичево – ИЈЗ издаде препораки