Заев: Со чествувањето на Денот на албанската азбука се потврдува определбата за почитување на етничката и културна разноличност
Foto

Заев: Со чествувањето на Денот на албанската азбука се потврдува определбата за почитување на етничката и културна разноличност

Денот на создавањето на албанската азбука има голема важност за сите Албанци и овој датум се смета за еден од клучните настани во историјата на Албанците и во нашата заедничка историја. Ова го напиша премиерот Зоран Заев во честитката по повод Денот на албанската азбука.

– Во градот на конзулите, избран за седиште на овој конгрес, кој се одржал од 14–22 ноември 1908 година, се собрале голем број истакнати албански личности од културниот и политичкиот живот од почетокот на 20 век. Претседателот на Конгресот, Мит’хат Фрашери и потпретседателите Луиѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Ќиријази, претседателот на Комисијата Ѓерѓ Фишта, како и единствената жена на Конгресот Парашќеви Ќиријази, која подоцна ќе го напише првиот буквар на стандардизираниот албански јазик и азбука која што е во употреба до денешен ден. Денеска, во Музејот на албанската азбука во Битола, се наоѓа одлуката за единствено, стандардизирано албанско писмо, како и копијата од првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енѓели од 1462 година, се вели во честитката.

Со унифицирањето и стандардизирањето на азбуката, албанското писмо, како што се наведува,  станува дел од рамноправните, модерно формирани европски писма и дел од разноличното богатство на светското културно наследство.

– Јазикот и негова соодветна азбука се дел од генетскиот код на еден народ и се произлезени од универзалното право на самоопределување. Во тој генетски код се елементите на идентитетот и потенцијалите за комуникација, општествена интеграција, за образование и развој. Наша должност, должност на државата е да ги почитува, чува и негува посебностите на јазикот и писмото на секоја нејзина заедница. На тоа нè повикуваат и европските вредности, како вредности што ги прифативме како наши на патот на нашата интеграција во Европската Унија, стои во честитката.

0 Коментари

Остави коментари