Заев: Притворот не треба да биде казна
Не ја знам одлуката на судот, но останувам конзистентен на своите политики дека притворот не треба да биде казна без разлика дали се работи за Катица Јанева, за Груевски или за било кој во општеството, изјави вечерва премиерот Зоран Заев во емисија на Македонската телевизија.
Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со одлуката за определување куќен притвор за поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, Заев рече дека оти притворите од 60, 90, 100, 200 или 300 дена се казна.
Нагласи дека верува во ефикасни судски процеси каде ќе се утврди вината и одговорност да си сноси осомниченото или обвинетото лице. Според него, потребно е да има одлука без разлика каква и да е. Рече дека не го обвинува само судството, туку и обвинителството.
– До ден денеска се прашувам како тоа Груевски е ставен по тој член за да делото брзо застаре, а другите не, кога сите ги слушавме бомбите кој тоа го организира. Јас не знам дали тука е судот или обвинителството и затоа зборувам за правосудството, рече Заев.
Смета дека треба да има ветинг и за политичарите, и во Министерството за внатрешни работи и во судството.