Заев: Почнува нова ера на соработка во регионот - автентична, самостојна иницијатива на Северна Македонија, Србија и Албанија
Foto

Заев: Почнува нова ера на соработка во регионот - автентична, самостојна иницијатива на Северна Македонија, Србија и Албанија

Од денеска почнува нова ера на соработка во регионот. Се поврзуваме за развој на нашите економии, со јасна и отворена намера секој граѓанин час поскоро да почувствува  директни придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката, за која овој пат имаме и конкретна акциска програма. Убеден сум дека тоа ќе биде препознаено од Брисел и Вашингтон, рече премиерот Зоран Заев во воведното обраќање на Регионалниот економски форум „Поврзан Балкан“ што се одржува во Скопје.

Пред претставници од стопанските комори во регионот, деловните заедници и преку 300 компании, пред претставници од меѓународни институции, како и пред претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, Заев потенцира дека овој масовен одѕив на поканата на македонската Влада е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција.

Ова, подвлече македонскиот премиер, е автентичен, заеднички процес на Северна Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан.

Политилките лидери, напомена Заев, ги слушнаа барањата на стопанството - да има помалку историја и повеќе бизнис.

-Сакам да ве уверам, а се надевам дека тоа е и очигледно, дека нашата политичка волја, на претседателот Вучиќ, на премиерот Рама и мојата, е израз на нашата максимална посветеност да ги обезбедиме сите услови што зависат од Владите на нашите три земји за ефикасна регионална соработка. Силната политичка волја и поддршката што ја добивме од деловните заедници на сите земји во регионот за нов импулс и за ребрендирање на регионалната соработка со многу повеќе динамика и за многу повеќе ефекти е наша, автентична и не-посредувана иницијатива. Дополнително, сметам дека една таква регионална соработка може да направи сериозен придонес во релаксирањето на политичките односи во регионот. Ние сме отворени за сите иницијативи кои одат во насока да ja зајакнат регионалната соработка и што го забрзуваат процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар, рече Заев.

0 Коментари

Остави коментари