Заев: Писмото на Јанева е логична постапка за предметите од СЈО да преминат во ЈО, немам добиено покана за распит за „Рекет“
Логична постапка е писмото што го испратила специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во врска со предметите од СЈО, а тоа произлегува и од разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и според сите други околности, оценува премиерот Зоран Заев, нагласувајќи дека решението е да се постигне договор, според кој предметите треба да поминат во Јавното обвинителство.
– И ако не се постигне договор, сегашните законски одредби велат дека предметите од СЈО треба да преминат во Јавното обвинителство. Правото на специјалниот јавен обвинител е опишано во Законот за јавното обвинителство и законски е дозволива одлуката на специјалниот јавен обвинител да ги предаде. Немаме контакти со Катица Јанева да прашаме зошто така постапила, но она што е очигледно е наближувањето на 15 септември кога завршува нејзиниот мандат и функцијата не може да ја пренесе на заменик или на избор на некој друг. Веројатно заради безбедноста на сите индиции, материјали што таму се обезбедени, така што не веруваме дека ќе влијае на преговарачкиот процес. Очекувам исчекор, утре би требало да се сретнат работните групи, ако двете страни се подготвени после консултациите, за да се продолжи во изнаоѓање решение кое би требало да биде до крајот на неделата, истакна премиерот Заев.
Додаде дека очекува во почетокот на наредната недела да има договор за предметите од СЈО со оглед што истекува законскиот рок за неговото функционирање.
На новинарско прашање за предметот „Рекет“, тој рече дека не добил покана за распит од обвинителката Русковска.
– До сега не сум добил покана од јавното обвинителство, а ако добијам тоа веднаш ќе го соопштам за јавноста, кратко одговори Заев.