Заев на работен ручек со Мицотакис и на средба со Сакеларопулу во Атина
Foto

Заев на работен ручек со Мицотакис и на средба со Сакеларопулу во Атина

Премиерот Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Атина, денеска ќе оствари средби со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и со лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас, а утрово ќе учествува на панел дискусија за Западен Балкан на конференцијата на „Економист“.

Средбата со Сакеларопулу е закажана за 12.45 часот по локално време, а од претседателската палата, Заев ќе замине на работен ручек со неговиот грчки колега, додека пак во вечерните часови, ќе се сретне со лидерот на СИРИЗА.

Во однос на средбата со Мицотакис, според она што во понеделникот го најави портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, се очекува да стане збор за европската перспектива на нашата земја, за билатералните односи, како и за имплементацијата на Договорот од Преспа.

Претпладнево, во областа Лагониси, во источниот дел на регионот Атика, на почетокот од вториот ден од конференцијата на Економист – „24-та тркалезна маса со грчката Влада“, Заев, заедно со премиерот на Албанија Еди Рама ќе учествува на панел дискусија посветена на Западен Балкан.

На агендата се проширувањето на ЕУ и следните чекори, реформите што треба да се спроведат, трговијата и инвестициите, додека пак за политичката перспектива ќе говорат поранешните министри за надворешни работи на Грција Дора Бакојани и Јоргос Катругалос, кои сега се пратеници од Нова демократија, односно СИРИЗА.

Заменик- претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои го придружуваат премиерот Заев за време на посетата на Атина, ќе имаат посебна програма и средби со нивните грчки колеги.

Димитров ќе се сретне со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања Милитиадис Варвициотис во 16 часот по локално време, додека пак Османи ќе оствари работна средба со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој ќе се сретне и со Димитров.

0 Коментари

Остави коментари