Заев: Категорично побаравме од Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“
Foto

Заев: Категорично побаравме од Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“

Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување, наведе премиерот Зоран Заев на неговиот Фејсбук-профил.

Тој нагласи дека доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот „Јавна соба“, каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаат и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во земјава, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело.

– Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела, истакна премиерот.

Тој изрази надеж дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денеска ќе одговорат на нивните бројни барања и ќе почнат да соработуваат.

– Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите, апелираше премиерот.

Заев наведе дека  Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности во земјава е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот.

– Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот „Јавна соба“. МВР работи во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите, посочи премиерот.

0 Коментари

Остави коментари