Заев го зеде мандатот и замина на средба со Ахмети - се крчка нова влада?
Foto

Заев го зеде мандатот и замина на средба со Ахмети - се крчка нова влада?

Откако задоцни и се виде буквално 5 минути насамо со претседателот Стево Пендаровски, Зоран Заев стана мандатар. Кажа дека нема мнозинство, но и најави дека очекува пред истекот на рокот да го има. Без да каже детали. Но дециден е, се подготвува да биде премиер цели 4 години.  

На потенцијалниот коалициски партнер Али Ахмети, му порача дека Владата нема да биде оптоварена ниту со етнички барања ниту со национализам. Побара флексибилност.

Али Ахмети пак повоздржан во пораките до моќниот владин партнер. Вели ДУИ секогаш била фактор на стабилност. Тврди ќе ги чуе аргументите на Заев за, како што вели, зошто не треба да биде Албанец премиер. Порача дека одлкуката на крајот што ќе ја донесе ќе биде во корист на државата.

„ДУИ работи со ладна глава и огнено срце. Преговорите ги водат партии со големо политичко и преговарачко искуство. Работите не се во лош правец, работите се толку блиску колку што се и далеку. ДУИ е фактор на стабилност во државата, нема да делува со притисоци туку ќе најдеме правилен пат за да служиме на државата и колку што можеме полесно да ги надминеме сите потешкотии со кои се соочуваме како последица на коронавирусот. Во оваа земја сме биле и секогаш ќе останеме конструктивни, а не невидливи непријатели како што е Ковид-19“ - порача тој.

Како што вчера објави ТВ24 на маса пред Заев е предлогот на дуи 1+3 – една година премиер да биде Насер Зибери , а 3 години Заев. Во пакет со тоа би одело и спикерското место во Собранието, но и соработка на локалните и претседателските избори. 

Според информации на списокот желби на Ахмети се и министерски позиции во МВР, финансии, администрација, како и директорско место во УЈП.

Во преговарачката рамка од ДУИ го ставаат и гувернерското место. 

Од СДСМ децидни дека премиерските желби на Ахмети се неприфатливи и Заев ги квалификува како уцена лично од лидерот на ДУИ кон него. 

Од СДСМ повторуваат дека очекувата Ахмети да се повчлече од барањето за премиер. Според информациите до средината на следната недела првиот социјалдемократ ќе се посвети, како што вели партиски извор од СДСМ за ТВ24, на Ахмети, потоа ќе ги стави на маса и опциите за Влада со Села и Гаши.

0 Коментари

Остави коментари