Заев ги разреши сите 78 претседатели на општинските организации на СДСМ
Наместо кај министрите и директорите, „метлата“ од премиерот Заев прво „заигра“ на Бихаќка.Разрешени се сите 78 претседатели на општински ограноци на СДСМ. Премиерот одлуката ја донел синоќа и рече дека тоа е дел од почетокот на промените кои ги очекуваат граѓаните. Заев им се заблагодари и ги повика пак да се пријават на конкурсот кој ќе се распише следната недела, но само оние каде партијата победила на претседателските избори.
- „Конечната одлука е таа сите претседатали на општински организаци, а ги има 78 претседатели од 80 општини се разрешени, и веднаш органите и телата на партијата ќе донесат одлука за постапка за избор на нови раководства. Со разрешување на претседателите на општинските организации, паѓаат извршните одбори на локално ниво, затоа што тие се формирани на предлог на претседателите на општинските организации. Верувам дека сето ова ќе предизвика едно возобновување на севкупниот амбиент на луѓе кои што се доста експонирани. Постојат за да бидат добра алка за премостување и решавање на проблемите на граѓаните, се со конечна цел сите да учиме од своите слабости и да бидеме уште подобри“ - рече Заев.
Кој од министрите пак и директорите на државни институции и претпријатија ќе ја напушти функцијата, премиерот вели ќе се знае во првата половина на јуни.
- „Почетокот на јуни или првата половина на јуни ќе се случуваат промените во општествениот сектор, тоа се јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции“- рече Заев.
Лошата реализација на капиталните инвестиции лани, но и годинава, скандалот со непотизмот за кој се изјасни и Антикорупциската комисија, сомнителните тендери и грантови за иновации... беа само дел од причините поради кои Владата изминатиот период се најде на удар на јавноста.
Операцијата „метла“ премиерот ја најави уште пред вториот круг на претседателските избори.
Таа освен нов министер за политички систем и за култура, треба да донесе проветрување и во економскиот владин тим, а не е исклучена и ротација на ресори.
Заев најави дека на удар ќе бидат функционерите кои не покажале резултати, кои не ги исполниле очекувањата, покажале слабост, но и ароганција. Освен „метла“ во Владата, Заев најави „метла“ и на Бихаќка.
Но засега никој од партиските и владините функционери не се почувствува прозван од премиерот, и не си даде оставка, ниту пак очекува дека ќе биде сменет. Освен министерот за култура Асаф Адеми, кој веднаш по изборите од здравствени причини ја напушти фотелјата во министерството за култура.
Завчера Ахмети и Заев се сретнаа да разговараат за реконструкција на Владата, но не станало збор за имиња, туку за концепти. Се очекува на средбата наредната недела, конечно да се прецизираат имињата на министрите и директорите од владината коалиција на кои Заев и Ахмети ќе им се заблагодарат за соработката.