Заев: Ги охрабрувам комисиите да најдат заеднички решенија, мораме да водиме грижа за двете страни
Постигнаа ли амбасадорите во ЕУ компромис за бугарските барања или се уште тапкаат во место? Бриселскиот магазин Политико објави дека амбасадорското тело КОРЕПЕР наводно на вчерашниот состанок постигнал одреден консензус за преговарачката рамка, а Бугарија се согласила на следниот компромис:
„Бугарија ќе го признае македонскиот како еден од официјалните јазици и ќе го признае македонскиот идентитет. За возврат, Северна Македонија ќе треба да ја признае ‘историската вистина’, како што е дефинирана од Софија и да признае дека има бугарски корени врз кои е создаден каков било македонски идентитет и официјален јазик.“ - пишува „Политико“.
Високи дипломатски извори за тв 24 велат дека во Брисел се уште се преговара, а ЕУ засега нема заземено заеднички став по ова прашање. Бугарија, притиска, а вчера на маса пред дипломатите, велат дека ставила 4 прашања - јазикот, името, македонското малцинство и историјата. Засега нема решенија велат, само преговори кои се движат напред, а решение треба да има до 10 ноември или на Советот за општи работи во Брисел, може да се стави вето врз македонските преговори.
Премиерот Заев и шефот на државата Пендаровски денеска се согласија дека Македонија нема да дозволи преговори за идентитетот.
„Грција го призна нашето право на самоопределување. Нашето право на самоопределување е наше чувство. Преговори по нашиот идентитет и нашиот македонски јазик нема и е треба да има. Бугарија е пријателска земја и ја признава реалноста.“ - изјави Заев.
Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, синоќа во интервју за агенцијата БГНЕС изјави дека целта на официјална Софија не е блокада на преговорите во декември, но како што Бугарија ја признава реалноста, така Македонија да го признае минатото.
Наводниот компромис меѓу амбасадорите во Брисел, денеска предизвика внимание и меѓу евроспките политичари. Некои од нив како поранениот шведски премиер, дипломат и експерт за Балканот.Карл Билд дури и честиташе на твитер за како што напиша, успешно завршената работа и стартот на преговорите на Македонија со ЕУ.